Протест во Белград за годишнината од убиениот опозиционер

Во Белград синоќа се одржа протестен марш по повод годишнината од убиството на опозицискиот политичар Оливер Ивановиќ, со барање да се пронајдат убијците и налогодавачите.

На транспарентите кои ги носеа демонстрантите, покрај веќе препознатливиот слоган „1 од 5 милиони“ и „Започна!“, со најголеми букви беа испишани зборовите кои ги има кажано Ивановиќ – „Ние сме сепак повеќе“.

„Ќе се движиме во тишина, затоа што сите сакаме одговор на прашањето за тоа кој ги изговорил зборовите ‘убијте го’“, рече актерот Бранислав Трифуновиќ пред присутните.

Протестот започна пред Платото на Филозофскиот факултет, а заврши пред храмот „Свети Сава“, каде демонстрантите запалија свеќи.

На собирот се приклучија и активисти од Локалниот фронт од Краљево, кои дошле пеш до главниот град на Србија.

Оливер Ивановиќ беше истакнат српски политичар од Косово, кој беше убиен на 16 јануари минатата година пред седиштето на неговата партија во Косовска Митровица. Убиството сè уште не е целосно расчистено.