Протест со меури од сапуница во Келн

Голема група на луѓе се собраа пред познатата катедрала во Келн викендов и го исполнија воздухот со меури од сапуница, по повикот за протест преку социјалните мрежи против забраната за таква активност од страна на градските власти. Од градот реагираа дека се работи за недоразбирање.

„Го почнуваме првиот официјален флешмоб со меури од сапуница на плоштадот пред Катедралата. Дозволуваме на администрацијата да ни забрани некои работи, но не и правото да дуваме меури од сапуница“, пишуваше на фејсбук повикот.

Протестот е предизвикан по инцидентот од 8-ми октомври, кога службеник од Канцеларијата за јавен ред отстранил еден уличен артист кој дувал меури од сапуница, со објаснување дека градските прописи забрануваат „контаминација на јавни површини“. Загриженоста била поради тоа што сапуницата предизвикувала луѓето да се лизгаат на камената површина на плоштадот, изјавила портпаролката на Канцеларијата за локалниот весник Келнер Штад-Анцејгер, пренесува ББЦ.

Шефот на Канцеларијата, Енгелберт Румел, изјавил дека сопствениците на околните продавници се жалеле дека нивните излози испрскани со детерџент, а пред влезовите им се собирала сапуница.

A photo posted by Luana | 🌏 (@lulovas) on

„Побаравме од уличните артисти да одат на друго место, но не станувало збор за забрана“, рекол тој.

Но граѓаните кои протестираа не се единствените загрижени. Градоначалничката Хенриете Рекер исто така е приврзаник на меурчињата, опишувајќи било каква сугестија за забрана како „апсолутна бесмислица“.

„Ова прекрасно и креативно разубавување и збогатување на градот не е забрането. Како воопшто дојдовме до овде?“, вели Рекер.