Протест против законските измени за плаќање придонеси за хонорарите

Загрижени за ефектите што ќе ги предизвика воведувањето на законските измени за плаќање придонеси за хонорарите, Синдикатот на УПОЗ, Конфедерацијата на синдикални организации на Македонија, Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници, Синдикатот на македонската дипломатска служба, Левичарското движење „Солидарност“ и Движењето за социјална правда „Ленка“, најавуваат протест на 22 декември.

Тие од Владата на Република Македонија ќе побараат да ја одложи примената на измените на законите со кои се воведува плаќање на придонеси од задолжително социјално осигурување за хонорарите, со цел да се отвори простор јавноста да се произнесе за реперкусиите од нивното воведување и да се изнајде најповолно законско решение. Исто така, преку засилени инспекции на Инспекторатот за труд да бидат отстранети случаите на прикриен работен однос, односно на наметнато вршење работа без договор или врз основа на договор за дело, при што за работниците не се плаќаат придонеси од задолжително социјално осигурување. Воедно, да се укине највисоката месечна основица за пресметување и уплата на придонесите на плата од шест просечни плати.

Претходно, овие здруженија ја претставија заедничката повелба според која законските измени што ќе стапат на сила од 1 јануари 2015 година ќе ја отворат Пандорината кутија бидејќи ќе ги поттикнат работодавачите наместо договори за вработување да склучуваат договори за дело со нововработените лица, па дури и со веќе вработените работници. Тие се противат и тоа што од плаќањето придонеси за хонорарите се изземени државните функционери.

За времето и рутата ќе се знае дополнително.