Протест против загадувањето во Струга: Време е да покажеме дека не сакаме да живееме во чад и магла

Граѓанската иницијатива „Доста“ денеска од 16 часот иницира протест во Струга. Собирот ќе започне пред општина Струга под мотото „Стоп за загадувањето“.

„Веќе подолго време сме сведоци на системското труење што се случува во цело струшко поле, заради секојдневното палење на струшката депонија. Во време кога сите се стремат на рециклирање на отпадоци и промовирање на еколошки иновации, ние и нашите деца дишеме запалена пластика, без трошка совест од одговорните“, велат од иницијативата „Доста“.

Според иницијативата, институциите се слепи и глуви за оваа ситуација, па, велат од таму „време е ние, граѓаните да покажеме дека не сакаме и нема да живееме во чад и магла“.

„Ова е покана, преку единственото средство во рацете на народот, да го кажеме јасно и гласно! За нас, за нашите деца!“, стои во повикот за протестот.