Протест против скратениот буџет за здравствена заштита од ХИВ

,,Здравјето на граѓаните мора да биде врвен приоритет, а економската криза не смее да биде оправдување за кратење на средства од здравствената заштита и тоа во услови на пандемија”, гласи најавата за здружен протест на неколку невладини организации.

Тие се револтирани што Министерството за здравство го скрати буџетот за системот на заштита од ХИВ за дури 40 %. Со ова, наведуваат тие, директно се загрозува здравјето на луѓето и може да ја разгори епидемијата со ХИВ.

Затоа, организациите за 4 април (понеделник) најавија протест за да го изразат незадоволството од односот на Владата кон здравството воопшто.

Дополнително, ќе укажат дека е суштински важно соодветно да се буџетираат и унапредуваат и сите други програми за превенција и терапија на граѓаните, особено со фокус на репродуктивното здравје на жените, здравјето на мајките и децата во согласност со потребите на овие групи граѓани.

Протестот ќе започне во 11 часот со прес-конференција пред Владата на Република Северна Македонија, а ќе продолжи со марш до Министерството за здравство.

Протестот се организира на иницијатива на здруженијата-членки на Платформата за одржливост на услугите за превенција и поддршка во врска со ХИВ, Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените – ЕСЕ и Иницијативата на жени од Шуто Оризари.

,,Придружете ни се – затоа што нашето здравје не е за поткусурување”, порачуваат тие.