[Фото] Протест пред Владата, граѓаните бараат одговорност и оставки

Стотици граѓани и активисти на граѓански организации попладнево се собраа пред зградата на Владата на Република Македонија, изразувајќи го својот гнев и револт од сознанијата кои произлегуваат од снимените телефонски разговори меѓу државни функционери, кои ги објави опозицискиот Социјалдемократски сојуз (СДСМ).

Граѓаните бараат одговорност и оставки од вмешаните во телефонските разговори, во кои се слушаат наводно договарање на апсења на политички противници, медиумско линчување на поединци, политички влијанија во изборот на судии и попречување на опозициското делување со користење на државниот апарат.

Пред Владата се пуштаат снимките кои вчера во јавноста ги претстави претседателот на СДСМ Зоран Заев, а граѓаните извикуваат „Убијци“, и „Оставка“. Организаторите на протестот инсистираат на тоа дека не се партиски организирани и велат дека станува збор за спонтан изблик на револт од методите на корумпираната власт. Додека граѓаните се собираа пред Владата, низ целиот центар на Скопје можеше да се забележи силно полициско присуство, а околу Владата се распоредени стотици полицајци.

Протест пред Владата, граѓаните бараат одговорност и оставки

Опозициската СДСМ пред две недели за првпат во јавноста соопшти информација дека државните служби, односно МВР и Агенцијата за разузнавање спровеле систематска, повеќегодишна акција за масовно прслушување на над 20.000 граѓани, меѓу кои и новинари, опозициски политичари, верски лидери и стопанственици, со што, според СДСМ, власта го спровела своето недемократско владеење.

На снимките, меѓу другото, може да се слушне и како министерката за образование Гордана Јанкуловска и нејзиниот помошник Иво Котевски, зборуваат за новинарско прашање од телевизијата А1 за убиеното момче Мартин Нешковски, на 6 јуни 2011 година.
ann-3