Протест пред Влада за одземање на концесијата на рудникот Иловица-Штука

Активистите против рудници на Југоистокот најавија мирен протест пред Влада на 23 ноември, од 12 часот, за да побараат конечно одземање на концесијата за рудникот Иловица-Штука.

Во јули 2019, Министерството за eкономија го одби барањето за дозвола за експлоатација, 3 години после законски рок, а таа одлука ја потврди и Второстепената комисија, во октомври. Веднаш потоа Министерството за економија го потпиша предлог решението за еднострано раскинување на концесијата и го стави во владина процедура. Затоа, укажуваат активистите, не треба да се чека на одлуката на Управен суд, туку за конечно да се раскине концесијатата е доволно само точката да се стави на дневен ред на владина седница.

„Свесни сме дека за месец и половина ќе дојде техничка влада и дека тогаш ќе нема ингеренции да решава за ова важно прашање. Затоа е овој мирен протест, за да ја потсетиме и охрабриме Владата да постапи согласно заложбите и потребите на граѓаните кои се доста јасно изразени. Свесни сме дека Владата ги имаат аргументите и знаат дека законот е на наша страна за што и веќе направија исчекор во вистински правец. Останува само да се заврши до крај ова работа и да се одземе концесијата на Еуромакс Ресурси согласно законот за минерални суровини“, велат активистите.