Протест пред Влада против рудникот Иловица – Одземете ја концесијата веднаш!

Десетици граѓани денеска излегоа пред Влада за да побараат конечно одземање на концесијата за изградба на рудникот Иловица Штука, за кој алармираат дека ќе го уништи целиот Југоисточен регион. Тие потсетија дека се исполнети сите услови за раскинување на договорот на концесионерот. „Одземете ја концесијата веднаш“, и порачаа на Владата.

„Ние сме тука затоа што Концесијата за рудникот Иловица Штука се уште не е одземена. Практично се дојде до потпис за одземање на концесијата, односно предлог за одземање на концесијата од министерот за економија Бектеши, но, се уште не е дојдено на Влада да се одлучи, да се земе конечно концесијата за рудникот Иловица-Штука. Оваа битка ја водиме веќе две и пол три години и стигнавме до овој резултат заедно со сите активисти и сите учесници, политички и разни други фактори. Но, главната работа е тоа што народот, луѓето не сакаат да има рудник во нашата здрава животна средина. Нашата здрава животна средина е најбитниот фактор за да опстанеме во оваа наша земја, најбитниот фактор за да опстанеме во нашата струмичка котлина, затоа што тоа е изворот на нашата храна со која се храни цела Македонија“, истакна активистот Стојан Велков.

Затоа, додаде, протестот е начин да се испрати порака што е можно побрзо, веднаш пред формирање на техничка влада да се одземе концесијата.

„Затоа што знаеме дека има некои ‘роварења’, има некои подмитувања, искрено, јавно ќе кажам Еуромакс коцесионерот се уште ги убедува луѓето, ги информира лажно дека ќе има толку и толку плата во рудникот, дека ќе биде здрав, исплатлив итн.. Нашата порака е недвосмислена и јасна, ние не сакаме да се истурат илјадници тони отрови во нашиот крај, оваа концесија која е веќе три години истечена, и по сите правни и еколошки параметри мора да биде одземена“, рече Велков пред Влада.

Претходно, во јули оваа година, Владата соопшти дека од Министерството за економија на владина седница информирале дека се исполнети законските услови за донесување на решение за одбивање на барањето за издавање на дозвола за експлоатација на минерална суровина. На ова следеше и жалба на решението, поднесена на последниот ден од рокот, по која Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен при Владата ја потврди одлуката на Министерството за економија за одбивање на барањето за дозвола за експлоатација на „Иловица. На 11 октомври, пак, компанијата „Еуромакс Ресоурцес“ поднесе тужба против одбиената жалба од Второстепената комисија за рудникот „Иловица“.

Активистите и локалното население на Иловица и Штука, во јули оваа година организираа блокади кои траеја речиси три недели.

М.К.