Протест пред Влада – демонстрантите скандираат „Готово е, готово!“

Со скандирање на паролите „Готово е, готово“ и „Николче-диктаторче“, „Долу диктатурата“ активистите од движењето „Протестирам“ и поголем број граѓани, повторно во 6 часот попладне се собраа на протест пред Владата. Таму и денеска ги пречека полицискиот кордон кој не дозволува демонстрантите да се доближат до владината зграда.

Од „Протестирам“ бараат итна оставка и преземање на политичка и правна одговорност на целата Влада на чело со Никола Груевски за неуставното, корумпирано и неетичко владеење, итно ослободување на сите активисти притворени од 5 мај до денес, како и формирање Влада за демократизација на институциите и овозможување на фер и демократски избори.

Како што соопштија од „Протестирам“ на денешната пред конференција, вчерашните оставки на министрите Гордана Јанкуловска, Миле Јанакиески и шефот на тајната полиција, Сашо Мијалков претставуваат „козметичка, а не суштинска промена во Владата“.

Според најавите, денешниот протест од пред Владата продолжува пред Основен суд- Скопје, за да заврши пред Собрание.