Протест пред седиштето на ЕВН во Тетово

Околу илјада граѓани протестираа попладнево пред седиштето на ЕВН во Тетово, пренесува агенцијата МЕТА. Теовците се незадоволни, како што велат, од цената што ЕВН им ја наплатува за потрошена електрична енергија. Тие упатија повеќе барања до компанијата ЕВН, меѓу кои и да се либерализира пазарот на дистрибуција на струја.

„Бараме ЕВН да ја намали цената на киловат-час електрична енергија, затоа што цената на отворена берза е многупати помала од таа што се фактурира на граѓаните на Македонија, да се отстрани индустриската тарифа, итно да се либерализира за сите потрошувачи пазарот на дистрибуција. Да ѝ се забрани на ЕВН основните средства за дистрибуција што ги плаќа потрошувачот да ги присвои како свои инвестиции. Да не наплатува такса за приклучок на потрошувачот од 500 евра, затоа што тоа е нешто кое е забрането со закон“, вели Џемал Хасипи од организациониот одбор за протести против ЕВН.

Учесниците на протестот побараа од компанијата да ги пронајде крадците на струја, за да не се казнуваат сите потрошувачи и да се забрани поставување на броила на јавни површини.

Од организациониот одбор за протести против ЕВН, рекоа дека протестите ќе продолжат и понатаму, во зависност од тоа дали ЕВН ќе ги прифати нивните барања.