Протест пред полициската „Пролет“: Приведен возачот, задржани комбето и чаталот на Шарената револуција

Повеќе од стотина лица вечерва се собраа пред полициската станица „Пролет“ во Скопје, откако по денешниот протест во Скопје беше приведен демонстрантот што го вози препознатливото комбе на Шарената револуција од кое се пушта музика во текот на протестите. Комбето е исто така задржано во полиција, а во него се наоѓа и чаталот – рачниот катапулт со кој изминативе две седмици почнаа да се фрлаат балоните со боја кон објектите што се цел на Шарената револуција.

Како што јавува репортерот на Радио МОФ, присутните извикуваат „Уа“, но и „Многу ни е добар чаталот“.

„Режимот повторно се обидува да удри по нашите соборци, но нема да им успее! Вечерва, на крајот од протестот во Скопје, од страна на неуниформирани полициски лица приведен е Џовани, возачот на пикапот на ‪#‎ШаренаРеволуција‬ од каде секој ден ечат нашите гласови и нашите звуци. Џовани се наоѓа во полициска станица Пролет (Кисела Вода). Нема објаснување зошто е приведен, кажано му е да чека“, се наведува на ФБ страницата Шарена револуција.

Приведувањето го потврдија и од МВР, од каде засега не изнесуваат детали за случајот.