Протест пред Обвинителството, сè уште нема разрешница за нападот врз Дамар

ЛГБТИ активистите денеска повторно протестираа пред Јавното обвинителство и побараа итно да се фатат сторителите на нападот врз Дамар, во кој беа повредени две лица.

Со звучници на кои беа пуштени звуци од кршење стакла и шишиња, активистите за човекови права му доловија на јавниот обвинител Марко Зврлески како звучи еден напад. Неколкумина од активистите, како и во претходните протести, беа легнати на земја како неподвижни трупови. Тие потсетија дека не само што не е разрешен нападот врз кафе барот Дамар, туку не се уапсени ниту сторителите на претходните напади врз ЛГБТИ центарот за поддршка.

Програмскиот Директор на ЛГБТИ Центарот за поддршка, Кочо Андоновски изјави дека доколку претставниците на институциите не го осудат насилството и веќе две години не фаќаат никого од насилниците, значи дека тие ги поттикнуваат односно се соучесници во сегашните и идните напади.

Протест пред обвинителство, сè уште нема разрешница за нападот врз Дамар

– До кога треба да протестираме пред обвинителство, до кога треба да го потсеќаме обвинителство дека треба да ја заврши својата работа. Не се работи само за нападот од пред еден месец во Дамар. Се работи за пет напади кои не се разрешени и кои се случуваат континуирано во последните две години. Ниту еден насилник досега не е фатен, рече Андоновски.

Jавниот обвинител Зврлески неодамна даде изјава за медиумите и рече дека не е известен за тоа колку и какви напади имало врз ЛГБТИ лицата.

– За протестот не сум запознаен сега од вас дознавам, во однос на тоа дали се преземаат дејствија секако дека се преземаат, во рамките на оперативните задачи кои ги добиле надлежните служби на јавното обвинителство. Не сум известен за тоа колку напади и какви напади имале, во јавното обвинителство можеме да провериме дали имаат пријавено настан и што потоа е постапувано, рече тогаш Зврлески.

Триесетина лица пред еден месец со стаклени шишиња и гајби го нападнаа и демолираа кафе барот Дамар, додека траеше забавата за одбележување од двегодишнината на постоењето на ЛГБТИ Центарот за поддршка. Во барот беа присутни околу педесетина гости. Во нападот  беа повредени една девојка и едно момче, кои во моментот на инцидентот биле пред објектот и пушеле цигари. Групата ги нападнала со стаклени шишиња и со удари по главата и телото.