Протест пред обвинителство: „Под закана се нашите животи, а не бракот“

Повеќе ЛГБТИ активисти и нивни поддржувачи денеска протестираа пред Основното Јавно Обвинителство во Скопје поради молкот на институциите за насилството и дискриминацијата врз ЛГБТИ заедницата.

Активистите потсетија дека поминаа повеќе од две години од првиот напад на ЛГБТИ Центарот за поддршка, а сторителите уште не се најдени. Се уште не се најдени сторителите на низата други напади на ЛГБТИ Центарот за поддршка и на активисти, ниту пак се најдени напаѓачите на кафе барот „Дамар“. За ниту еден од овие случаи, како и за случаите на хомофобичен говор на омраза, Јавното Обвинителство досега не презело соодветни мерки, велат од организациите.

Според Националната Мрежа Против Хомофобија и Трансфобија (НМХТ)која го организираше протестот насловен „Под закана се нашите животи, а не бракот“, Владата наместо да ја спречува хомофобијата, уште повеќе ја засилува дискриминацијата. Активистите велат дека со амандманот со кој во Уставот се забранува бракот меѓу истополовите парови, власта дополнително ја поттикнува и одобрува дискриминацијата кон ЛГБТИ заедницата.

Според Павле Богоевски од оваа мрежа, не е вистина дека во целост се прифатени забелешките на Венецијанската Комисија за уставните амандмани, како што изјавил министерот за правда.

Протест пред обвинителство: „Под закана се нашите животи, а не бракот“

Фото: ЦИВИЛ

„Владата само ја пренесува констатанцијата дека државата е слободна во дефинирањето и заштитата на бракот. Да, тоа е точно. Но, никаде во Образложението на Владата или во излагањето на Министерот за правда не беа споменати забелешките на Венецијанската Комисија дека овој чекор е целосно непотребен од правна гледна точка, ниту пак забелешката дека истополовите парови имаат иста потреба од правно регулирање, како што имаат и различнополовите вонбрачни парови. Зголемувањето на бројот на пратенички гласови потребен за регулирање на правните односи во бракот, семејството и вонбрачната заедница, не само што не е во согласност со забелешките на Венецијанската Комисија, туку напротив, само ја зацврстува постоечката дискриминација и исклученост на ЛГБТИ луѓето во превниот систем на државата“, изјави Богоевски.

Антонио Михајлов од организацијата Субверзивен Фронт  вели дека Гласањето за уставниот амандман за дефинирање на бракот како заедница исклучиво помеѓу еден маж и една жена во услови на политичка криза и кога има случаи на напади кои повеќе од две години немаат никаква разрешница од страна на надлежните органи – полицијата и јавното обвинителство, е во најмала рака апсурдно.

„Би сакал да им порачам на предлагачот и на пратениците дека оваа битка им е однапред изгубена, затоа што нас нè има насекаде – правници, економисти, политичари, бизнисмени, трговци, професори, учители, студенти, вработени во јавна администрација, продавачи на пазар, уметници… Нè има Македонци, Албанци, Турци, Срби, Власи, Роми, нè има стари и млади“, рече Михајлов.

Протест пред обвинителство: „Под закана се нашите животи, а не бракот“

Фото: ЦИВИЛ

Од оваа мрежа отворено ја прашаа Владата и Собранието: кој е под закана? „Дали тоа е бракот како институција кој е загарантиран со закони и подзаконски акти или тоа се ЛГБТИ луѓето кои секојдневно живеат во постојан страв од насилство и во услови на неказнивост на насилниците? Дали бракот е тој кој е маргинализиран, кој како институција е заштитен не во еден, туку во два закони (Законот за семејство и Законот за спречување и заштита од дискриминација) или маргинализирани се ЛГБТИ луѓето кои практично не постојат пред законите?“, прашуваат од Националната Мрежа Против Хомофобија и Трансфобија (НМХТ).