Протест пред Националната конвенција на Републиканците, 100 голи жени против Трамп

Сто голи жени утрово во Кливленд застанаа пред арената каде треба да се одржи Националната конвенција на Републиканците. Со широки огледала во раце, тие го очекуваа најверојатниот претседателски кандидат на Републиканците Доналд Трамп.

Уметникот Спенсер Туник, е авторот на оваа уметничка инсталација насловена „Се што таа ќе каже значи се“. Тој во мај пушти повик на кој се пријавиле над 1800 жени, меѓутоа на крај се појавија сто. Жени од различни возрасти, облици и раси дојдоа дури од Белгија, некои пак, од преку улица, за да му испратат порака на Трамп, додека други, само сакаа да ја искористат можноста да го покажат своето тело јавно.

„Ова е за вас и вашата иднина“, им се обрати Туник на жените. „Ќе блесне вашата светлина и моќ врз Републиканската Национална конвенција. Ние ќе ја блеснеме светлината на жените во оваа арена“.

Но, Туник е подготвен, бидејќи досега е пет пати уапсен додека се обидувал да работи на отворено во Њујорк. Кратко откако жените се соблекоа и застанаа со огледалата, полициско комбе пристигна на местото каде се одвиваше фотосесијата. Но, иако ситуацијата помина без инцидент, тие мораа за помалку од половина час да го напуштат местото.

 Трамп, е критикуван поради навредувачките коментари за жените, а неговиот избор за заменик-претседател Мајк Пенс, го потпиша еден од најстрогите закони за абортус во државата, како гувернер на Индијана.

За Кети Скот, која е Републиканка, нејзиното присуство на протестниот перформанс е директна порака до претседателскиот кандидат на партијата во која е зачленета.

„Доналд Трамп кажа многу скандалозни, гневни, лоши работи. Тој го потцени женскиот, Републикански глас. Се чувствувам како самиот да се застрела малку во стапалото. Мислам дека не знае оти постои црна, немажена, 35-годишна мајка, како мене, која слуша што тој вели. Мислам дека тој не знае оти јас сум во неговата политичка партија, а тоа е жално“, вели Скот.

Моника Џиорџио, 19-годишна стажантка за медицинска сестра, која дојде директно од ноќната смена додаде:

„Поради неговите негативни погледи за жената. Мислам дека ова е одличен начин да се спротивставиме на тоа“, вели таа.

„За мене, помалку се однесува на Трамп, а повеќе за создавање на позитивна енергија околу Конвенцијата и за да се создаде светло, каде можеби нема многу“, рече Сабрина Паскевиц, 23-годишна студентка, која беше една од жените кои протестираа голи.