Протест „Ноќ на лицето на режимот“ вечерва пред Влада

Вечерва, во 21 часот, граѓанската платформа „Ајде“ организира протест пред Владата, „Ноќ на лицето на режимот“. Протестот е одбележување на празникот познат како Ноќ на вештерките, но во македонски контекст.

„Нашиот настан го нарековме „Ноќ на ЛИЦЕТО на режимот“ затоа што е време да го покажеме режимот во неговата вистинска форма, а со тоа да им дадеме можност на нашите сограѓани да му ја симнат маската за сите наводни успеси, вработувања, победи и прослави. Сето тоа ќе успееме да го направиме ако ги носиме нивните вистински лица прилагодени за еден ваков празник.
За да ве поттикнеме да размислувате во оваа насока, еве неколку практични примери за тоа како ќе изгледа „Ноќ на ЛИЦЕТО на режимот“. Размислете кое според вас е лицето на режимот. Тоа може да биде личност како носител/ка на јавна функција, или пак случка која останала врежана во вашето сеќавање како вечен потсетник на владеењето на МВРО и Дуингбизнис. Потоа, размислете како да го ставите во контекст на празникот и дојдете пред Влада со вашето лице на режимот“, стои во поканата на настанот. 

Според организаторите, симболи на режимот можат да бидат и сиромаштијата, обесправените, затворените.

„Не заборавајте дека „Ноќта на вештерките“ во својата основа како празник воопшто не ги вклучува вештерките. Тоа е ноќ кога живите со страшни маски ги бркаат злите духови, а слават добрите луѓе чија смрт настанала заради нанесеното зло. Имајќи ги предвид жртвите на режимот, а тоа се сите наши сограѓани/ки, изборот на лицето на режимот ќе ви биде лесен. Размислете што вам ви значи овој режим и со помош на вашата фантазија, на идеите и бројот на маските ќе им нема крај! Тоа е се´ што ви треба за успешна „Ноќ на ЛИЦЕТО на режимот“.

Дојдете заеднички да го изразиме нашиот револт и болка која ни ја нанесува режимот во изминатите 9 години“, повикуваат од граѓанската платформа „Ајде“.