Протест на жителите во Дебар маало поради окупираните тротоари, сообраќајниот и градежен хаос

Возилата да се вратат на коловозот, а луѓето на тротоар побараа жители на Дебар маало кои попладнево излегоа на мирен протест за да искажат револт од тоа што нема каде да се движат од хаотичниот сообраќај и неконтролираното градење во маалото.

Јана Белчева Андреевска од „Одбрана за Дебар мало“ објасни дека иницијативата од самото создавање се фокусирала на проблемот со окупирање на јавниот простор и влошување на квалитетот на живот, а во надеж дека ќе успеат да ги надминат проблемите заедно со локалните власти.

„Денеска се собираме затоа што малку се направи од она што се очекуваше, иако многу се ветуваше. За жал, на точно ова место за кое со години предупредувавме, има и жртва . За една недела почнува школската година и се плашиме дека ако не се решат работите и брзо не се донесат мерки ова маало станува небезбедно за живеење. Го насловивме протестот Ослободете ги тротоарите бидејќи нема каде да одиме. Летаме, децата ни одат тука, а сите тротоари се преполни со возила“, изјави Белчева Андреевска.

Ги повикаа собраќајната полиција, МВР, градоначалниците Коце Трајановски и Андреј Жерновски, но и инспекциите да почнат да си ја работат работата.

„Место да ги напаѓаат граѓанските иницијативи, да одговорат на нивните барања“, изјавија пред жителите кои излегоа на протест.

 

Тие со едноминутно молчење искажаа сочуство за нивната сограѓанка која беше прегазена пред ОУ „Коле Неделковски“ бидејќи морала да движи по коловозот, додека комбето што ја усмрти се движеше рикверц поради немање простор. Реагитаа бидејќи дотур на роба се прави во најфреквентните часови, во текот на цел ден.

За да се избегне понатамошно влошување на квалитетот на животот во Дебар Маало, граѓаните бараат неселективно почитување на законите, нов режим кој ќе го намали сообраќајниот метеж, како и изработка на стручни студии за загадувањето, сообраќајните решенија, густината на населеност и инфраструктурата. Во меѓувреме бараат да се стави мораториум за нови градби.