Протест на жителите на Ѓорче Петров против дивите трки

Жителите од Општина Ѓорче Петров денеска (петок 18 септември) најавуваат протест против дивите трки, за кои велат дека секојдневно се случуваат на улицата „Борис Сарафов“.

Протестот е закажан во 16:00 часот, со најава дека жителите ќе ја блокираат улицата во револт поради загрозената безбедност.

„За првиот протест најавено е двочасовно блокирање на сообраќајот. Доколку нашите барања не се исполнат во најбрз можен рок, протестите ќе продолжат со 24 часовно блокирање на улицата сè додека не се реши проблемот со дивеењето и брзото возење. Напомена за присутните, да се држиме до мерките и протоколите со цел да се заштитиме себеси и останатите“, стои во повикот за протестот.

Претходно, жителите на оваа скопска општина протестираа поради градењето на згради во месноста „Јурија“.