Протест на „Здрава Котлина“ во Струмица поради загадувањето, средношколци реагираа на притисоци

„Светот оди напред, ние во ПМ10“, „Преку маска дишиме, дајте чист воздух“, беа дел од пораките на денешниот заеднички протест на активистите од Здружението „Здрава котлина“ и средношколци во Струмица.

Од протестот на главниот плоштад „Гоце Делчев“, активистите поставија седум барања, меѓу кои и носење на закон со кој се регулираат емисиите кои потекнуваат од индустријата. Потоа, поставување на шест нови автоматски мерни станици и три мобилни мерни станици за триангулација на загадувачи. како и организирање на јавна трибина во Струмица, Босилово, Ново Село и Василево со тема загадување и активни мерки.

Средношколците, пак, повикаа на реформи во образованието. Помалку часови, замена на старите учебници и платена пракса беа дел од нивните барања.

Пред почетокот на протестот, од „Здрава Котлина“ информираа за реакции од ученици дека директорот на средното училиште „Димитар Влахов“ ги заклучил вратите и со закани не им дозволил на учениците да излезат. Од Здружението апелираа до сите директори да не им го ускратуваат уставното право на мирен протест, и како што велат, да размислат што прават.

Радио МОФ стапи во контакт со директорот на средното училиште „Димитар Влахов“ Димитар Ѓорѓев, кој накратко ги негираше овие тврдења.

Фото: Синдикатот