Протест на За заедничка Македонија: Партиите да го почитуваат Уставот и да не го менуваат името

Ќе протестираме секој ден. Ќе протестираме сѐ додека не се исполнат нашите барања, а тоа е сѐ додека политичките партии не се обврзат дека ќе го почитуваат Уставот на Република Македонија и дека нема да работат на промена на името. Со оваа информација заврши денешниот марш на новата граѓанската иницијатива За заедничка Македонија, објави МКД.мк.

Како што јавува порталот, на маршот се скандираше „Македонија, Македонија“, „Ова нема да помине“, а се пееја и патриотски песни. Протестoт се одвиваше од Влада до Собрание.

Мотото на вечешатниот  марш беше „Црвената линија ја поминавте. Црвено-жолтата не!“, откако претходно новоформираната иницијатива презентираше проглас и ги повика граѓаните на протест.

„Симболот што нè обединува е знамето на Македонија, жолтата и црвената боја. Народот е најдобриот чувар на мирот во сопствената држава“, рече еден од иницијаторите на протестот.

Во наредните денови, не е исклучена можноста и на нови протести.

Фото: МКД.мк