Протест на угостителите – бараат посебен владин пакет мерки

Угостителите од рестораните за организирање настани и ноќните клубови, заедно со останатите придружни дејности, денеска преку протест на раскрсницата во скопската населба „Автокоманда“, кој е закажан да трае три часа, побараа Владата да направи посебен пакет мерки за нив, поради, како што кажаа, се 100% погодени од пандемијата.

Истовремено, тие потенцираа дека се единствени субјекти кои имаат забрана за вршење дејност, додавајќи дека и покрај сите состаноци со Владата, како што тврдат, не наишле на слух од другата страна.

„Премиерот Заев презентирајќи го петтиот пакет мерки, во мерката број 8 презентираше помош од 1.3 милиони евра за транспортните компании за патници кои имаат пад од минимум 50%. Како што кажа, го парафразирам ‘државата директно ја ограничи со мерки нивната дејност и работење’. Па, зарем ситуацијата кај нас е поинаква? Ние немаме ограничувања во дејноста, кај нас е и полошо, ние имаме забрана за вршење на нашата примарна дејност за која сме ги отвориле објектите и доколку работиме кривично одговараме“, рече угостителот Перица Голомеиќ.

Како што посочи тој, тие пет месеци нивните вработени ги исплаќале од сопствени средства, додека државата им помогнала за шест месеци.

„Единаесет месеци од сопствени средства плаќаме камати за кредити, кирии, комунални трошоци, осигурување, обезбедување и останати режиски трошоци“, рече тој.

Па оттука, тие бараат да работат под најригорозни протоколи и бараат од Владата да се укине членот 14 од уредбата излезена во Службен весник на 23 јули минатата година, со која се забранува организирање на секаков вид настани, свадби, крштевки, родендени во отворените и затворените делови од објектите.

„Ние сме категоризирани објекти кои имаат големи капацитети и можност да спроведат настан по сите веќе утврдени протоколи по кои што функционираат останатите а-ла-карт ресторани. Апелираме да донесете протокол со временска динамика која што е од исклучително значење како за нас, така и за идните младоженци. Споредбено со регионот, ние сме единствена земја која што не доби протокол цела измината година, а поддршката што ни ја давате субвенционирање плати и придонеси, како и еднократниот грант, е убедливо најниска директна помош во нашиот сектор“, рече Голомеиќ.

Делумната помош во плати и еднократниот грант со максимален износ од 10.000 евра, како што рече тој, „не се ни приближно доволни за сервисирање на нашите обврски спрема банките, кредитите, итн…“.

„Не работиме заради тоа што Владата има забрана за нашата примарна дејност, и поради тоа бараме да ни се помогне финансиски, да ја надминеме пандемијата, се додека не почнеме повторно да работиме. Ние будно ја следиме епидемиолошката состојба во државата, и сме свесни за моменталната состојба. Поради тоа, во прва фаза, не бараме да ни се дозволи да организираме ткн. традиционална македонска свадба, единствено бараме, да можеме да работиме под истите услови и протоколи како што работат и другите алакарт ресторани. Овие барања се од суштинско значење за нашиот опстанок имајќи го во предвид сезонскиот карактер на нашата дејност“, посочи Голомеиќ.

Министерот за економија Крешник Бектеши вели дека во однос на угостителите што организираат свадби, имало директни грантови, со оглед на тоа што тие биле затворени со одлука на Владата.

„Владата не ги носи протоколите, во повеќе наврати тоа сме го укажале, но секако дека има професионална комисија кои се експерти во делот на пандемијата и затоа ние секогаш ги почитуваме нивните предлози, во моментот кога ќе добиеме од нивна страна одреден протокол, секако дека ќе го усвоиме како Влада“, рече Бектеши.

Како што посочи тој, со петтиот сет на економски мерки, тие покажале дека ниту една дејност нема да биде изоставена, вклучително и угостителската, додавајќи дека затоа се предвидени различни мерки во петтиот сет на економски мерки.

„Што се однесува на протестите и ултиматумите, јас не се согласувам со ултиматиумите, а секако дека би ги охрабрил сите граѓани на демократски начин, затоа што ние сме демократска држава, да го кажат нивното мислење преку демократски начини, како што се протестите, а ние ќе бидеме тука како влада да и поомогнеме на бизнисот и граѓаните, се со цел да ја поминеме пандемијата со најмали последици“, додаде Бектеши.

Покрај во Скопје, денеска се протестира и во Гостивар, а организаторите најавија дека идната недела ќе одржуваат протести во континуитет во главниот град, но и во другите градови низ земјата, се додека нивните барања не се усвојат во целост.