Протест на студенти во Грција поради предлог-закон со кој се воведува полициско присуство на универзитетите

Околу 1.000 студенти вчера протестираа во Атина поради предлог-законот со кој за првпат се предлага воведување полициско присуство на универзитетите. Протест имаше и во Солун каде се собраа стотина студенти кои полицијата ги разби со употреба на солзавец.

„Студентите не се криминалци“, можеше да се прочита на еден од транспарентите кои го носеа студентите.

Слични протести се одржаа и пред една недела во Атина и во други грчки градови поради предлог-законот кој предвидува воведување специјални полициски патроли на универзитетите, каде што често се случуваат судири меѓу различни политички групи.

„Универзитетите се клучни јавни структури кои се предмет на безбедносни закани“, рече министерот за цивилна заштита Михалис Хрисохоидис.

Присуството на полицијата на универзитетите е чуствителна тема во Грција поради крвавата репресија која се случи во ноември 1973 година. Војската и полицијата тогаш интервенираа во Политехничката школа во Атина поради студентски демонстрации против воената хунта.

Предлог-законот наиде на критики и од опозицијата и медиумите поради бројните случаи на полициска репресија и забраната за собирање поради пандемијата со коронавирусот.

Според „националниот план за управување со протести“ кои се’ се почести во Грција, владата има намера да „одреди посебни места за новинарите кои ги покриваат овие настани“, рече Хрисохоидис.