Протест на станарите околу Универзална сала – од 15 часот ја блокираат „Партизанска“

Станарите од улиците кај Универзална сала (Конгресен центар „Александар Македонски“) од 15 до 17 часот ќе излезат на протест. Револтираните граѓани со своите возила ќе ја блокираат „Партизанска“, со што сакаат да укажат на недоволно место за паркирање откако на целиот тој потег почнаа градежни зафати.

„Како што веќе знаете и гледате, заради изведување на градежни работи од страна на Град Скопје без претходно да ни обезбедат паркинг простор, нема каде да ги паркираме нашите возила. Очекуваме сите да присутствувате на овој протест, без разлика на работните обврски“, стои во повикот за протестот.

Локалните граѓани сметаат дека се работи за предизборно раскопување на делот околу Универзална и „Рузвелтова“, планирано е да се стават столбчиња, а без притоа да се испланира простор за паркирање на возила.