Протест на станари на „Партизанска“ бидејќи Град Скопје им го огради паркингот

Денеска заедниците на станари на зградите број 45 и 47 на булеварот Партизански одреди најавија протест со блокирање на булеварот, од 15 до 17 часот. Причина за протестот е поставувањето на столпчиња каде што овие станари досега непрописно ги паркираа сопствените возила блокирајќи го просторот предвиден за пешаци и за велосипеди, соопшти Град Скопје.

Од Градот соопштија дека столпчињата се поставени со цел да го спречи непрописното паркирање на возилата на површини предвидени за пешаци и за велосипеди.

„Со заедниците на станари на овие две згради одржани се повеќе средби во последните неколку месеци со цел да се изнајде решение за проблемот со паркинг просторот со кој се соочуваат. Станарите изразија подготвеност да престанат да се паркираат непрописно доколку им се обезбеди паркинг во согласност со прописите.

На станарите на овие згради им беше понудено на трошок на Градот да се изгради паркинг на местото на гаражите зад овие згради кои зафаќаат многу простор, а се користат како магацински простории. Дополнително им беше понуден бесплатен паркинг кај Универзална сала како период на адаптација до изградбата на новиот паркинг. Предлогот за изград на паркинг на местото на гаражите сè уште не е прифатен, а за жал друго алтернативно решение не постои“, велат од Градот.

Од Градот тврдат дека нема да отстапат од идејата за ослободување од возила на просторите предвидени за пешачки и за велосипедски сообраќај, како и дека ќе продолжат да поставуваат столпчиња секаде каде што ваквиот простор е узурпиран.