Протест на средношколци во Тетово против екстерното тестирање

Околу 100 средношколци, денеска маршираа по градските булевари и одржаа мирен протест против екстерното тестирање на плоштадот во Тетово, пренесува Телма.

Протестот го организираа средношколци од тетовската гимназија „Кирил Пејчиновиќ“, а во него се вклучија и ученици од медицинското и економското училиште.

Учениците веќе два дена одбиваат да полагаат екстерно тестирање бидејќи според нив тестирањето не дава реални оценки и нанесува големи штети како на професорите, така и на учениците.

Тие се жалат на прашања на екстерното тестирање кои не се предвидени во програмата и на тоа дека ги тераат да се тестираат во Штуловиот Универзитет затоа што во гимназијата немало доволно простории.

Учениците најавија нови протести за наредните денови. Воедно, бараат подршка од средношколците и од другите средни училишта.

Екстерното тестирање не беше спроведено и кај учениците од албанска настава од средното медицинско училиште „Никола Штејн“, економското училиште „8-ми Септември“.

Сепак, според младинскиот портал mladite.mk, екстерното тестирање целосно се спроведува во земјоделското училиште „Моша Пијаде“ и во средното текстилно училиште „Ѓоце Стојчевски“.