Активистите на Охрид SOS пред почетокот на денешната седница на Советот на Општина Охрид во 10:30 часот, ќе ги пречекаат советниците со потсетникот „Мора мораториум“.
„Доста беа изговори, да видиме резултати“, велат од Охрид SOS.
Во вторникот, заедно со Здружението „Стар Лагадин“ поднеле официјално барање до Општина Охрид за итно да се прогласи мораториум на градежни активности на територија на Општината додека не се донесат соодветни плански документи врз основа на стратегија за одржлив развој.
Воедно, тие бараат да се донесе решение за отстранување на незаконскиот хотел во Лагадин, но и да се укине Одлуката за Општ акт за с. Лагадин.
„УНЕСКО, меѓу другото, наложи и строго почитување на законите како едно од обврзувачките барања доколку сакаме да го задржиме статусот“, велат од Охрид SOS.