Протест на новинарите во БиХ поради упад на хулигани во Радио Сараево

Со марш од седиштето на Фудбалскиот клуб „Сараево“ до Парламентот на Босна и Херцеговина новинари од повеќе босански медиуми одржаа протест поради напад на редакцијата на порталот Радио Сараево.

Инцидентот се случил во петокот, кога група хулигани, кои се претставиле како навивачи на клубот ФК „Сараево“, упаднале во редакцијата и го присилувале уредникот на порталот да ја избрише веста за навивач од нивниот фудбалски клуб кој бил осуден во Белорусија поради поседување на дрога.

Инцидентот беше осуден од новинарските здруженија од БиХ, странските амбасади во земјата како и повеќе функционери. ФК „Сараево“ се огради од хулиганите.

Денешниот протест беше искористен новинарите да повикаат властите да ги ревидираат одредбите од законите за напади врз новинари.

„Мора да се створат предуслови за овозможување на медиумските слободи. Доколку дозволиме на сила да се уредуваат медиумите тогаш влегуваме во темна зона и тешко ќе може да се врши оваа професија. Ние сакаме пред Парламентот да кажеме – Државо, заштити не“, изјавил Фарук Веле, член на уредништвото на „Радио Сараево“.

Двајца осомничени за нападот биле уапсени од полицијата, а судот во Сараево ги пуштил да се бранат од слобода со забелешка дека тие не смеат да им се приближуваат на медиумите и новинарите во радиус од 100 метри.