Протест на ЛГБТИ активистите пред обвинителство

Во четврток со почеток од 10:00 часот на пладне, Националната Мрежа Против Хомофобија и Трансфобија (НМХТ) ќе организира протест пред просториите на Основното Јавно Обвинителство во Скопје.

Според организаторите, целта на протестот е да се насочи вниманието на јавноста кон вистинските проблеми со кои се соочуваат граѓаните/ките во Република Македонија, како нееднаквиот пристап кон правда, особено за луѓето со различна сексуална ориентација и родов идентитет.

Од мрежата велат дека во исто време кога Собранието ќе расправа по пакетот уставни амандмани меѓу кои и исклучувачката дефиниција на бракот (амандман XXXIII), тие ќе посочат на реалните проблеми како насилството и дискриминацијата врз ЛГБТИ заедницата и молкот на институциите.

Предупредуваат дека Владата наместо да презема активности кон спречување на хомофобичното и трансфобичното насилство и дискриминација, како што и меѓудругото се обврзала во низа меѓународни инструменти, со уставниот амандман XXXIII дополнително ја поттикнува и одобрува дискриминацијата кон ЛГБТИ заедницата.

НМХТ отворено ја прашува Владата и Собранието: кој е под закана? Дали тоа е бракот како институција кој е загарантиран со закони и подзаконски акти или тоа се ЛГБТИ луѓето кои секојдневно живеат во постојан страв од насилство и во услови на неказнивост на насилниците?

„Дали бракот е тој кој е маргинализиран, кој како институција е заштитен не во еден, туку во два закони (Законот за семејство и Законот за спречување и заштита од дискриминација) или маргинализирани се ЛГБТИ луѓето кои практично не постојат пред законите?  Во своето Образложение, Владата на РМ како предлагач на Уставните измени ја објаснува потребата од Амандманот XXXIII преку тоа дека бракот како заедница е соочен со предизвиците на “современото време“ и со обидите за негово редефинирање, деинституционализација и негова постепена маргинализација. НМХТ прашува: врз основа на што Владата тврди дека бракот е загрозен?  Во своето лицемерие, Владата „заборава“ да ја каже вистинската причина за уставна дефиниција на бракот, а тоа е демонизирање на ЛГБТИ заедницата, оправдување и поттикнување на хомофобија и градење на општество во кое ЛГБТИ лицата нема да можат да ги остварат своите основни човекови права“, се вели во најавата за настанот.

Организациите потсетуваат дека поминаа повеќе од две години од првиот напад на ЛГБТИ Центарот за поддршка, а сторителите уште не се најдени.

„Не се најдени ни сторителите на низата други напади на ЛГБТИ Центарот за поддршка и на активисти, ниту пак се најдени напаѓачите на кафе барот „Дамар“. За ниту еден од овие случаи, ниту пак за случаите на хомофобичен говор на омраза Јавното Обвинителство досега не презело соодветни мерки. Маргинализацијата и деинституционализацијата на бракот е нереална, а насилството врз ЛГБТИ лицата е повеќе од реално“, велат ЛГБТИ активистите.