Протест на лекарите на Клинички центар поради застрелан хирург

Група лекари излегоа денеска на протест во кругот на Клиничкиот центар со кој побараа одговорност од министерот за здравство Никола Тодоров поради хирургот кој беше ранет утрово.

Тие ги откажуваат закажаните операции и најавија дека ќе ги примаат само итните случаи за оперирање и за прегледи се додека не се донесе нов закон за лекари, со кој ќе се зголеми нивната безбедност.

„Бараме морална одговорност од министерот за здравство, Законот за здравствена заштита да се врати како што беше пред 2011 година, од кога со измените лекарите се доведени во ваква состојба, а Лекарската комора да предложи закон за лекари што Владата ќе го прифати без забелешки“, изјавија лекарите по денешната средба.

Министерот Тодоров пак, изјави дека чувствува морална одговорност, но нема да поднесе оставка.

„Чувствувам морална одговорност за секој настан што се случува во здравството и се она што ќе се случи, нормално е да ме тангира. Не знам дали некој во светот може да спречи некој кој е со ваков морален код да го направи тоа што го направи“, изјави Тодоров.

Инцидент предизвика големо незадоволство помеѓу лекарите, а осуда пристигна и од најголемите партии. Неофицијално, останува можноста за нов штрајк пред Министерството за здравство.

Настанот се случил кога граѓанин го ранил лекарот Љубомир Огненовиќ, откако неговата мајка, која имала тешка дијагноза, починала во болницата. Огненовиќ веднаш бил опериран и е надвор од животна опасност. Според полицијата, тројцата напаѓачи биле веднаш приведени.