Протест на граѓанската иницијатива „Коце, врати ни ги улиците“ во сабота

Граѓанската иницијатива „Коце, врати ни ги улиците“, во сабота, во 13 часот организира на мирен протест на кој ќе оддаде почит на прерано загинатиот велосипедист, 13-годишниот Давид, и сите трагично загинати жртви на скопските улици-пешаци и велосипедисти.

„Собирот ќе започне во 13 часот, на булевар Илинден, пред фонтаната „Лотосов цвет“ (кај зградата „МЦМ“). На местото, каде животот трагично го загуби младиот Давид од несовесен возач. Потоа ќе продолжи низ стариот дел од Градски парк, каде Давид последен пат го возел својот велосипед со другарите и ќе заврши пред канцеларијата на градоначалникот Коце Трајановски, во близина на паркот, како директно најодговорен за црниот биланс и бројните несреќи по скопските улици“. А, тој е : 15-на загинати пешаци и велосипедисти во изминативе осум месеци во Скопје.

Ниеден изграден надземен или подземен премин за пешаци, ниту пак воведување на трамвај со цел намалување на автомобилскиот сообраќај. Впрочем, во рок од само четири дена загина Давид, а вчера беше повреден велосипедист, кој се бори за живот во Клиничкиот центар.
Утре, може да бидете жртва вие, вашето дете или член на вашата фамилија !
Ќе чекате тоа да се случи или ќе допринесете навреме да се подобрат нештата ?

Протестот е против лошата градска политика, во однос на катастрофалната инфраструктура, наменета за овие две категории на граѓани, кои се и најзагрозени во метрополата. Како и против лошата порака, поточно никаква, која градоначалникот Коце Трајановски ја испраќа на возачите на автомобили и мотори, кои со години дивеат на улиците и одземаат човечки животи. А тој дури не се ни загрижил јавно ниеднаш околу тоа. Едноставно, тој ја игнорира реалноста дека на улиците со кои толку се гордее е пролеана толку многу крв во сообраќајни несреќи, колку што нема во европски градови со далеку поголема популација.

Исто така, протестот е и против лошото и сомнително водење на судски процеси во однос на луѓето кои усмртиле пешаци или велосипедисти, нивно одолговлекување, како и лесно ослободување на осомничените од одговорност, без санкции.

Во фокусот на досегашната визија на Трајановски за развој на Скопје се возачите на автомобили, а граѓаните кои користат велосипед или одат пеш, или пак користат друго алтернативно превозно средство, се граѓани од трета категорија. На неговите проширени улици беснеат ужасни возачи, без елеменатарна возачка култура, а патеките за пешаци и велосипедисти или се стеснуваат или ги нема.

Ние, ги бараме само нашите права !
По протестот, на кој симболично ќе го изразиме нашето незадоволство. граѓанската иницијатива „Коце, врати ни ги улиците“, ќе побара средба со него и со останатите градоначалници, надлежни за сервисните улици, на која ќе побараме итно обележување на дел од коловозните ленти за велосипедисти, а онаму каде нема тротоари, нивна скора изградба.
Доколку нашите барања не бидат исполнети, ние ќе ги обележиме улиците со сообраќајно одржливи решенија, бидејќи улиците се наши и ќе пoбaрaме оставка од Трајановски, како најголем виновник за несреќите, кои во најголем дел се случиле на булеварите, за кои е надлежен тој.

Ние сме гласот на жртвите, кои повеќе не може да зборуваат. Ние ги браниме нивните права и нашите, затоа што друго не остана. Во Скопје не смее да важи повеќе законот на посилниот, кој го воведе Трајановски.

Ги повикуваме на протестот сите добронамерници кои се залагаат за подобар живот во главниот град, извлекување на Скопје од темниот среден век, и отворање ширум на вратата кон европска метропола. Може да дојдете пеш, со вашиот велосипед, тротинет, ролери, миленик, дете, мајка, татко, пријатели.

Доста ни е веќе од „визии“ на хартија, кои се ветуваат со години, а не се исполнуваат. Доста ни е од демагози кои се фотографираат со велосипед само еден ден во годината, а во останатите 364 дена всушност ги вози возач во лимузина !
Ги повикуваме на протестот и сите роднини и пријатели на жртвите на скопскиот асфалт“, се вели во најавата на настанот.