Протеран чешки волонтер кој им помагаше на бегалците во Македонија

Рихард Соучек е чешки волонтер кој изминативе два и пол месеци ги помина во Македонија помагајќи има на бегалците кои транзитираат во државата. Вчера негови колеги на социјалните мрежи информираа дека тој бил протеран од Македонија на 5 септември, со објаснување дека немал дозвола за волонтирање.

„Тој помина два и пол месеци во Македонија, работејќи секојдневно по 18 часа на ден, вложувајќи сопствени пари за да им помогне на волонтерите. Македонската полиција бидејќи не можеше да сфати дека неговите цели се целосно хумани, се сомневаа дека е или чешки шпион, или радикален исламист. Со оглед на тоа дека не најде докази за ниту едно од двете, на 5 септември тие го протераа од Македонија, со изговор дека немал волонтерска дозвола, што значи дека нелегално влегувал во кампот за бегалци. Неговиот влез дотогаш беше дозволен од страна на полициските службеници со неговиот пасош. Полицијата го пренесе до грчката граница и му беше забранет влез во наредните пет години. Вака Македонија му се заблагодари на човек кој самиот има направено многу повеќе за да им помогне на бегалците отколку целата држава“, се вели во Фејсбук пост напишан од волонтерка со која соработувале на терен.

Чешкиот волонтер, за А1Он потврди дека е протеран, но вели дека се уште не му се јасни причините зошто.

„Не сум сигурен кои се причините за моето протерување. На 4 септември, покрај легитимацијата од невладината „Легис“ и од полицијата што го чува кампот ми беше побаран и посебен документ, иако претходно доволно беше да го покажам својот пасош и легитимацијата од „Легис“ со кои соработував. Полицијата се до тој ден, со овие документи му пушташе во кампот, што значи дека не сум влегувал нелегално“, вели Соучек.

На 5 септември бил однесен во полициска станица каде бил испрашуван.

„Имав лошо искуство, бидејќи првиот пат кога бев на разговор во станицата, инспекторите од државна безбедност, против моја волја ме држеа 6 и пол часа и ме распрашуваа за моето семејство, за религијата и други приватни работи, како на пример, зошто сум бил во Босна неколку пати и што ми значи таа држава. Знам што сакаа, но јас никако не можев да им објаснам дека моите мотиви се чисти, дека нема позадина – тоа не беше ниту пријатен, ниту пријателски разговор“.

Соучек вели дека извесен командант му објаснил дека од почетокот на септември Министерството за внатрешни работи ја презело одговорноста за кампот на бегалците и дека правилата биле променети и потребна е „жолта карта“. Во претходните два месеци никој не соопштил дека треба да има таков документ, ниту му бил побаран.

Од МВР велат дека причината поради која чешкиот волонтер е протеран е затоа што ги прекршил Законот за странци и Законот за волонтирање.

„Тој го прекршил член 100, став 1, алинеја 2 од Законот за странци, а исто така волонтирал без дозвола од Министерството за труд, со што направил и прекршок според Законот за волонтирање. Откако тоа му беше посочено, му беше понудено постапката да оди пред прекршочен судија но тој тоа го одби, потоа МВР му изрече протерување од земјава за период од 5 години“, велат од МВР.