Протeкот на личните податоци на студентите настанал од базата на Центарот за развој и кариера

Студентите чии лични податоци беа објавени во листата која „протече“ преку мејловите на Машинскиот факултет од Скопје, денеска добија потврда дека податоците се од датабаза користена од страна на Центарот за развој на нови бизниси и Центарот за Кариера.

„Почитувани,

Настана проток на информации од базата на Центарот за развој на нови бизниси и Центарот за кариера (www.bsc.ukim.edu.mk) при што системот беше исклучен. За Ваша понатамошна заштита, доколку истата лозинка ја користите за регистрирање на други системи, Ве молимe ВЕДНАШ да ја промените.

Тимот на Центрите, заедно со стручните служби на факултетот работат на наредните чекори за ублажување на последиците за корисниците, како и на исклучување на можноста за идно ширење на податоци од базата.

Се извинуваме за евентуалните непријатности. За дополнителни информации или поддршка, тимот на Центарот за развој на нови бизниси и Центарот за кариера Ви стои на располагање како и до сега, во нашите простории и на оваа e-mail адреса“, пишува во мејлот испратен до студентите.

Личните информации како: име, адреса, телефонски броеви, број на индекс, мејл и лозинка на мејлот, почнаа да циркулираат минатата среда. Од факултетот подоцна соопштија дека се исклучени серверите за да се спречи дополнително ширење на податоци. Дирекцијата за заштита на личните податоци во петокот започна постапка за вонреден инспекциски надзор.