Протекоа повеќе културни институции од есенски дожд

Протечени кровови и влага во Драмскиот театар, Музејот на Македонија и Музејот на современа уметност е епилогот од ноемврискиот дожд во Скопје. Фотографиите и информацијата ја сподели Министерството за култура на Република Македонија. Соопштија дека Министерството испратило допис до сите национални установи да направат итен увид во состојбите на нивните објекти, и да предложат решенија за ургентна санација и за подолгорочни решенија за состојбите.

„Констатирано е дека дури и при дождови кои се вообичаени за ова време на годината, нашите културни установи се соочуваат со сериозни последици од долгогодишна негрижа за условите во нив. Цел на Владата на Република Македонија и Министерството за култура е таа негрижа да се стопира веднаш и да се преземат итни мерки“, велат од Министерството за култура.

Во Драмскиот Театар, најавуваат дека се преземаат мерки за локално санирање на кровот, а во координација со министерот за финансии, Драган Тевдовски, ќе се спроведе ургентна постапка и ќе се алоцираат средства кровот да се санира и да се создадат елементарни услови за работа.

„Владата на Република Македонија и Министерството за култура воопшто не се откажуваат од идејата за изградба на нов објект за овој Театар, но ќе инсистираат на подомаќинско и порационално решение, кое нема беспоштедно и непродуктивно да ги троши парите на граѓаните“, се наведува во соопштението на Министерството.

За санирање на проблемот во Музејот на Македонија е исто така констатирана загрижувачка состојба, а освен преземените итни мерки, посочуваат дека се потребни посериозни реконструктивни зафати на покривот, за кои ќе се обезбедуваат дополнителни средства од Буџетот.

Музејот на современата уметност – Скопје пак се соочува со протекување во објектот на повеќе локации, од кои голем дел се ургентни бидејќи веќе имаат предизвикано штета и бараат итна интервенција. Најургентните состојби ќе се санираат веднаш, но и за овој репрезентативен објект се потребни посериозни реконструктивни зафати.

Протекување на кровот и оштетувања од дождот се предизвикани и во објектот на НУ Театар комедија во Скопје, Центар за култура „Браќа Миладиновци“ – Струга, Центар за култура „Антон Панов“ – Струмица, Центар за култура – Дебар, Центарот за култура „Бели мугри“ во Кочани, НУ Конзерваторски центар во Гостивар, Музеј „Западна Македонија во НОВ“ – Кичево, археолошкиот локалитет Стоби каде постои опасност од изливање на Црна Река.