Просторни реадаптации 1: „Скопската ‘плажа’ како место за културна практика“

Насловено како „Просторни реадаптации 1: „Скопската ‘плажа’ како место за културна практика“, во петок, на 6 јули, на Градска Плажа Парк, ќе биде поставена (заедничка) концептуална инсталација од пет македонски уметници.

Преку своја, а воедно и заедничка инсталација ќе се претстават уметниците Ана Јовановска, Ана Трајковска, Доротеј Нешовски, Ивана Самандова и Стефан Божиновски, кои порачуваат дека поради специфичните околности и локацијата на настанот, инсталациите ќе може да се погледнат само еден ден, на 8 јули, од 20 и 30 до 23 часот.

Уметницата Ана Јовановска преку делото ,,Капачи“ на ироничен начин ќе се обиде да нé наврати наназад, на никогаш не заборавената, а сепак одамна непостоечка плажа, на која постарите генерации сé уште со радост и носталгија се сеќаваат, со интенца на навидум детски и наивен начин да направи спојување помеѓу минатото и сегашноста, со главна цел- остварување на посакувањата за една утописка и идилична иднина.

,,Иронично е што минатото нуди повеќе од сегашноста, па иднината го презамислува минатото. Иако делото го носи името ,’Kапачи’, очигледно е дека се отсутни – сите се на капење во Вардар! Реката е повторно чиста и употреблива!“, вели Јовановска.

Ана Трајковска пак, просторната конструкција и лавиринтната шема, одбира да ја искористи во релација со многуте препреки, талкање и ,,заклучените“ врати низ кои поминува секој (млад) автор во процесот на својот професионален развој, себепронаоѓање и постојано присутната институционална борба во локалната културна сфера.

Доротеј Нешовски преку светлосна инсталација насловена ,,Овде естетската визија не познава граници“, употребувајќи лајт бокс и елементи во простор, ќе изрази критика кон запоставеноста.

Ивана Самандова ќе направи еволуција и реадаптација на сопственото дело, кое настанува по пат на моментална интуиција и преку цртежот третира една сосема ‘лежерна’, а сериозна состојба на постоење, исполнета со нови искуства и случувања коишто ‘живеат’ и функционираат на објектот, во паралела со животот и специфичната околина во која твори, живее и опстојува уметникот.

Стефан Божиновски ќе направи обид целосно да го искористи потенцијалот кој отворената, и соголена конструкција го нуди, директно просторно ,,цртајќи“ со платно, компонирање кое го прави произволно, на лице место, со цел да се збогати и динамизира просторот и неговите карактеристики.

Според историчарката на уметност, Ангела Витановска, отворената конструкција на напуштената градска плажа, дел од проектот Скопје 2014, било првичниот поттик кој ја покренал идејата, односно, запоставеноста на овој простор, препуштен сам на себе, да се пренамени, да биде реискористен, реадаптиран и реупотребен во простор од отворен карактер, со потенцијал тој во иднина да биде оживеан како место за културна практика кој активно би се користел, особено во текот на летниот период.

„Проектот критички го разработува проблемот со неискористениот потенцијал на Скопската плажа како речиси соголена и руинирана површина, а уметникот се јавува како нејзин рекреатор и ревитализатор кој на суптилен начин отвара многу подлабоки, речиси носталгични, а сепак доста сериозни прашања од социо-еколошки карактер, каде чистотата на Вардар и околината останува само едно далечно сеќавање на постарите генерации, а Скопската плажа одамна ја изгубила својата примарна намена“, објаснува Витановска.

Оттаму, продолжува Витановска, целта на оваа концептуална инстација е да се стави акцент на неискористениот потенцијал на напуштената ,,Скопска плажа“, како заеднички културен, социјален и урбан простор, на која истовремено може да гледаме и како на своевидна дидактичка инструкција за ликовно-естетскиот сооднос и за поврзаноста со одбраниот амбиент.

„Преку овој проект, секој од уметниците прави и сопствено истражување на односот човек-простор-време-околина, релативитетот кој доаѓа со промената на овој однос, непостојаноста, промената и потиснатите пориви од целосно исчезнување на едно одамна одминато, а за нас речиси непостоечко време“, вели таа.