„Простор анти корона“ – Велосипедисти бараат привремени ленти за возење низ град

Привремени велосипедски или пешачки ленти на сметка на коловозите, бараат од НаТочак  и Здружението Одржливи иницијативи, обединети во заедничката иницијатива „Простор анти корона“ во која учествуваат уште 40 други формални и неформални организации.

Заедно упатија отворено писмо до надлежните институции барајќи да се преземат дополнителни итни мерки кои ќе овозможат зголемено дистанцирање меѓу поединци, односно спречување на ширење на вирусот, а при тоа ќе овозможат луѓето побезбедно да се движат.

„Нашиот предлог итни мерки се состои во поттикнување на луѓето да користат велосипед или да одат пеш преку зголемување на површините за возење велосипед и за пешачење во вид на привремени велосипедски или пешачки ленти на сметка на коловозите.
Во ситуација на значајно редуциран автомобилски сообраќај, овие интервенции е лесно да се реализираат без никакви негативни ефекти, како што покажува евалуацијата направена во Берлин“, велат од иницијативата.

Преку отвореното писмо, тие бараат на булеварите со повеќе ленти, најдесната лента да биде привремено наменета за велосипеди, а велосипедската патека (доколку ја има) да биде привремено наменета за пешаци.

Потоа, на улиците каде има доволно широк коловоз да се воведат велосипедски ленти, а на улиците од понизок ранг, односно маалските улици кои немаат воопшто или доволно широки тротоари, или тротоарите се користат за паркирање, да се воспостави зона 20, поточно ограничување на движење од најмногу 20 км/ч со цел да се овозможи безбедност за пешаците, велосипедистите и моторните возила на коловозот.

„Просторот зафатен со платените паркинзи како тие на ЈП Градски Паркинг, Град Скопје, ЈП за ПУП – Прилеп и ЈП Паркинзи на Општина Центар кои се долж улиците (и на сметка на тротоарите/односно улиците) да се врати на пешаците и велосипедистите. Сите општини да ги лоцираат местата каде особено се групираат граѓаните чекајќи ред (пред маркети, аптеки, банки итн.) и да го прошират пешачкиот простор на сметка на колозовот и паркирањето“, бараат од иницијативата.

Оттаму посочуваат дека поттикнувањето на не-моторизираното движење (пешки и со велосипед) ќе придонесе и за намалување на загадениот воздух, ќе овозможи пристап до безбедна алтернатива за движење за луѓето кои не поседуваат автомобил, немаат возачка дозвола и не можат да си дозволат користење на такси, но и ќе им овозможи на луѓето потребна, минимална физичка активност и излегување на воздух додека патуваат до работа и ги извршуваат нужните обврски.

„Овие наши предлози ги доставуваме поради ситуацијата на недостаток на безбеден велосипедски и пешачки простор по улиците, особено кога е потребно безбедно разминување на растојание од најмалку 1 метар според препораките (според најновите препораки од Министерство за здравство – 2 метри), на тротоари и простори кои се некаде потесни и од 1 метар, а некаде и непостоечки. Дополнително, редиците кои се создаваат пред продавниците и аптеките бараат зголемен простор за да може на безбедно растојание да се чека ред, но и да може минувачите и тие кои чекаат ред да се разминат“, посочуваат од иницијативата.

Нивните предлози, велат тие, ги презеле од мерките во градови каде ова веќе функционира, но во согласност со препораките на Светската здравствена организација.

Како пример ги наведуваат Берлин и Будимпешта, каде од неодамна поставија привремени велосипедски ленти на сметка на автомобилските ленти. Претходно, сличен потег направи и Богота, Колумбија, каде се воспоставија 117 километри привремени велосипедски рути за намалување на гужвите во јавниот превоз поради коронавирусот.

„Британија ги поедностави процедурите за општините да можат привремено да ги затворат сообраќајниците во корист на простор за пешаци и велосипедисти. Бруклин (Масачусец), САД, ја менува конфигурацијата на повеќе улици со цел да обезбеди физичко дистанцирање меѓу пешаците и се укинува паркирањето на некои улици, а некаде се одземаат цели коловозни ленти, со цел да се добие привремено проширување на тротоарите. Виена, Австрија, воспостави зони 20 во маалата каде тротоарите се тесни со цел пешаците да можат безбедно да се разминуваат. Милано, Италија со цел намалување на аерозагадувањето ќе трансформира 35 км од коловозите во велосипедски и пешачки патеки“, се наведува во отвореното писмо.

Од инцијативата истакнуваат дека намаленото движење може да предизвика и здравствени проблеми.

„Затоа, колку побрзо се започне со осмислување и спроведување на вакви мерки за овозможување поголем пешачки и велосипедски простор, толку подобро за сите. Оваа криза е нашето ново нормално за минимум една година и градовите треба да покажат резилиентност и флексибилност во справувањето со неа. На подолг рок се надеваме дека дел од овие мерки ќе преминат од привремени во постојани, токму поради корисноста за општото добро и здравје на граѓаните“, истакнуваат од инцијативата.

Оттаму посочуваат дека се отворени за соработка со цел спроведување на овие мерки. Водно, ги повикаа останатите организации да се приклучат во нивното отворено писмо.