Проширениот Охридски регион, античка шума во Иран и Вавилон – Запознајте ги новите Светски наследства на списокот на УНЕСКО

Проширувањето на Охридскиот регион и на делот на Охридското Езеро кое припаѓа на Албанија, шумите покрај Каспиското Езеро во Иран и прибежиштата за птици на Кинескиот залив се меѓу 14-те нови локации кои влегоа на списокот за светско наследство на УНЕСКО.

Покрај овие три места, на новата листа влегоа и локации во Франција, Исланд, Лаос, Јапонија, Буркина Фасо, Ирак, Бахреин, Бразил, Индонезија и Австралија.

Новите локации се придружуваат на листата која вклучува повеќе од 1.000 места во 167 светски земји, од Акрополис во Грција, до Таџ Махал во Индија.

Конвенцијата за Светско наследство, усвоена во 1972 година, е меѓународен договор преку кој државите се заложуваат да го штитат светското природно и културно наследство и да го пренесуваат на идните генерации.

Првата локација која оваа година беше вклучена на листата е прибежиштето за миграциски птици по брегот на Жолтото Море во Кина. На оваа локација се наоѓаат некои од најзагрозените видови птици во светот кои ова место го користат за одмор, во текот на зимските периоди и за размножување.

На списокот на УНЕСКО беше додадена и Хирканската шума во Иран, која датира 25 до 50 милиони години во минатото. Локацијата е дом на неверојатен биодиверзитет. „Досега пронајдени се 180 видови на птици и 58 видови цицачи. Меѓу кои и легендарниот персиски леопард“, соопштија од УНЕСКО.

На листата се најдоа и прекуокеанските француски територии и мориња, во кои се сместени некои од најголемите концентрации на водни птици и цицачи на светот. На пример, таму може да се најде најголемата популација на кралски пингвини и жолтоклуни албатроси.

Националниот парк Ватнајокул во Исланд е исто така додаден на листата. Во него можат да се најдат десет вулкани, од кои осум се наоѓаат под мраз. Местото е дом на ендемска водена фауна која го преживеала Леденото доба, како и уникатни реки и кањони.

Локациите Парати и Илха Гранде во Бразил добија заштита од УНЕСКО, како мешано природно и културно наследство, поради тоа што се дом на неверојатен диверзитет на животински видови, како загрозениот јагуар и неколку видови мајмуни, но и еден од најдобро сочуваните крајбрежни региони во јужноамериканската држава.

УНЕСКО на својата листа внесе и девет нови локации од културно светско наследство. Првата е античката локација за металургија во Буркина Фасо, во која се наоѓаат 15 природни печки и неколку други слични структури и рудници кои датираат од 8-миот век п.н.е.

Втората локација која беше вклучена како културно наследство на УНЕСКО е Вавилон во Ирак. Местото вклучува рушевини од античкиот град кој постоел помеѓу 626 и 539 година п.н.е. и бил главен град на Вавилонската империја, која била една од највлијателните царства во античкиот свет.

Денеска на листата на Светско културно наследство влегоа уште седум локации. Регионот Дилмун во Бахреин, археолошко наоѓалиште кое датира од периодот на 2050 до 1750 година п.н.е.

Буџ Бим во Австралија, на која се сместени вулкан и мочуришта, но и мрежа која сочинува една од најголемите водни земјоделски површини сочинета од канали и брани кои се користат за собирање дождовни води за одгледување посебни јагули кои за популацијата Абориџини претставувала основа за економска и социјална одржливост шест милениуми.

Археолошкиот локалитет Лиангзу во Кина, лоциран на реката Јангцекјанг наоѓалиштето покажува постоење на антички населен град кој се засновал на култивирање ориз во периодот од 3300 до 2300 година п.н.е.

Џаипур, Индија, опколен со тврдини во северозападната држава Раџастан со посебна архитектура и урбано планирање.

Рударската локација Омбилин во Индонезија, изградена за процесирање и транспорт на високо квалитетен јаглен во непристапните региони на Суматра.

Мозу-Фуруичи, од периодот Кофун во Јапонија, место каде се наоѓаат посмртните остатоци на дел од највлијателните луѓе од периодот и каде се најдени голем дел посмртни објекти, како оружје, оклоп и предмети.

Мегалитските камени ќупови во Џиенгхуанг во Лаос, локација која своето име го добила по 2.100 камени структури во вид на ќупови кои се користеле за погребни практики во Железното доба.

Најпосле, УНЕСКО го прошири Охридскиот регион како природно и културно светско наследство и врз северозападниот дел на Охридското Езеро, кое се наоѓа во Албанија, врз полостровот Лин и делот од крајбрежното копно кое го поврзува полуостровот со македонската граница. Полуостровот е локација на ранохристијанска црква која датира од средината на 6-тиот век, додека во плитките води на Езерото, три места сведочат за присуство на праисториски населби.

Собирот на УНЕСКО во Азербејџан продолжува до 10 јули.