Прошетка и трка „Напред розово“ – чекори против ракот на дојка

Околу 1.200 нови случаи со рак на дојка или просечно три до четири жени дневно се дијагностицирани минатата година во Македонија.

Поддршка на болните од рак на дојка и на нивните семејства на 1 октомври (сабота) во Градскиот парк во Скопје кај Школка, ќе им дадат повеќе од 1.000 граѓани со симболична прошетка и хуманитарна трка (во должина од еден километар) во рамки на кампањата „Напред розово“ во организација на Здружението „Борка“ – За секој нов ден.

„Време е за Розовата прошетка! По осми пат, заедно да чекориме. За оние кои ја водат оваа неизвесна битка… За оние чиј живот е пред огромен предизвик… И во чест на оние кои ги загубивме“, стои во повикот за саботниот настан.

Претседателката на Здружението „Борка“, Биба Додева, потенцираше дека инцидентата на болеста е во голем пораст за разлика од пред осум години. Истовремено, се поваќе се намалува и старосната граница на заболени од рак од дојка.

„Ако порано се сметаше дека ракот на дојка е болест на жените на возраст над 50 и над 60 години, сега возраста е многу намалена. Има девојки и жени на возраст од 30 години кои имаат рак на дојка“, изјави Додева, посочувајќи дека Македонија посторно станува дел од глобалното семејство на борци против ракот на дојка, бидејќи октомври е месец за подигнување на свесноста за оваа болест.

Инаку, котизацијата за учество на прошетката и хуманитарната трка изнесува 350 денари со вклучена маичка со логото на манифестацијата, а сите собрани средства ќе бидат наменети за реализација на планираните активности на Здружението „Борка“ во делот на психосоцијална помош и поддршка на заболените од рак на дојка, oбезбедување перики за жените кои не можат да си дозволат да ги купат, посета на болните на Клиниката за онкологија, обезбедување секојдневна комуникација со психолог и едукација на населението.