Просечно семејство не може да си купи стан, драматичен раст од 25 отсто на цените на недвижности

Драматично продолжуваат да растат цените на становите во Македонија, што го прави купувањето дом сè понедостижно за младите семејства и за граѓаните со просечни приходи. Според податоците на Народната банка, во четвртиот квартал од 2025 година недвижностите поскапеле за 25 отсто на годишно ниво, со што се заокружува година со континуиран двоцифрен раст на цените. Индексот се базира на огласени станови во Скопје, каде притисокот врз пазарот е најизразен, пренесува агенцијата Мета.мк.

Податоците од Регистарот на цени и закупнини на Катастарот покажуваат дека во општина Центар е постигната цена од 3000 евра по квадратен метар, што дополнително ја илустрира длабоката неусогласеност меѓу понудата и куповната моќ. Истовремено, дозволи за градење се издаваат постојано. Според податоците на Државен завод за статистика,  446 одобренија за градење биле издадени во октомври, минатата година, а 1177 станови се предвидени за изградба.

Од градежниот сектор, пак, очекуваат смирување на пазарот. Андреа Серафимовски од Здружението на градежништвото при Стопанската комора за МИА изјави дека цените на градежните материјали се стабилизирале и дека во 2026 година може да се очекува израмнување на понудата и побарувачката, особено во Скопскиот, Полошкиот и Пелагонискиот регион.

Сепак, експертите предупредуваат дека продолжениот раст на цените има пошироки економски и политички последици, од продлабочување на социјалните разлики, до зголемена миграција на младите. Без системски мерки, станбениот пазар ризикува да стане уште еден фактор што ќе ја продлабочува станбената несигурност и сиромаштија за граѓаните.