Просечната оценка од државната матура годинава е 3,11 информираше министерот за образование и наука Абдилаќим Адеми. Учениците резултатите од тестирањата освен на огласните табли во училиштата, можат да ги погледнат и на веб-страницата matura.gov.mk. Незадоволните кандидати имаат можност утре и задутре да достават приговор до Државниот испитен центар.
Министерот Адеми информира дека за јунскиот испитен рок се пријавиле 18.370 кандидати. Притоа просечната оценка по мајчин јазик и литература (македонски, албански и турски) е 2,99, а вкупно беа тестирани 17.560 кандидати. Просечните постигнувања по математика, основно ниво изнесуваат 3,04 исто како и постигнувањата по предметот математика, напредно ниво, рече Адеми.
По предметот математика годинава има зголемување на бројот на пријавени кандидати. Математика, основно ниво, годинава полагаа 2.354 кандидати, за разлика од лани кога полагаа 2.142 кандидати. Годинава математика, напредно ниво, полагаа 25 кандидати, а лани само 12 ученици.
„Странски јазици полагаа 16.575 кандидати и постигнат е просечен успех од 3,43. 4.801 кандидат полагаше филозофија, а просечната оценка е 3,98. Предметот естетика го полагаа 150 кандидати, а остварија просек од 3,82. Хемија полагаа 365 кандидати и постигнат е просечен успех од 3,36. Вкупно 3.106 кандидати полагаа биологија и постигнаа успех од 3,42“, информираше министерот.
Следната испитна сесија за матурантите е во август. На 11 август се полага мајчин јазик и литература, на 13 август странски јазик, на 14 август математика, естетика и филозофија, а на 16 август се полага биологија, хемија, физика, историја и бизнис.