Промовирано Упатство за одржување на училишните објекти

Министерот за образование и наука Абдилаќим Адеми, заедно со Шефот на мисијата на УСАИД во Република Македонија Џејмс Стајн, денеска го промовираа Упатството со Прирачник за одржување на училишните објекти. Ова упатство, како што се наведува во соопштението на МОН за денешниот настан,  е резултат на заедничката работа на Министерството , УСАИД, како и вработените во училиштата.

„Овој проект, нема да биде само збир од препораки запишани на хартија. Во него се споделени знаења, искуства кои се резултат на долгогодишна работа. Сите тие ќе бидат имплементирани во работата на секое училиште. Благодарение на нашата соработка со УСАИД, поточно преку Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција во образованието успеавме да обезбедиме и законска регулатива за да им помогнеме на училиштата полесно и поефикасно да ги одржуваат своите објекти и подобрените услови за работа во нив“, рече Адеми.

Министерот смета дека од особено значење е што во сите активности околу реновирањето покрај УСАИД, вклучени се и вработените во општините, во училиштата и родителите на учениците. Според него, сите заедно мора да учествуваат во одржувањето на училишните објекти, се додава во соопштението.