Промовирана ,,Шардоне и шпагети карбонара” на младата писателка Марта Димитров

Во опуштена атмосфера, во присуство на голем број гости и придржувајќи се до мерките за заштита од Ковид-19, синоќа се одржа промоцијата на „Шардоне и шпагети карбонара“ – новата и трета книга на младата писателка Марта Димитров. Промоцијата се одржа пред гостите во просториите на Домот на културата ,,Иван Мазов Климе” во Кавадарци.

Димитров за Радио МОФ вели дека ја инспирираат дури и најмалите работи како утринскиот чај. Ја сака поезијата, но како што посочи, најдобро може да се реализира преку прозата.

„Кога некој ме прашува што ми е главен мотив за пишување секогаш ги потенцирам двете главни, водечки идеи. Едната е да оставам нешто зад себе, а другата е да им го кажам на другите она што не би можела поинаку да им го пренесам, и притоа од тоа тие да извлечат поуки”, изјави Марта.

Овој роман е нејзиното второ прозно остварување, кое таа го напиша за релативно брзо време од околу 8-9 месеци.

Од промоцијата на ,,Шардоне и шпагети карбонара”. Фото: Антолог

„Шардоне и шпагети карбонара“  ми е можеби најдрага книга од трите издадени. Иако е наменета за помладата публика, може да ја читаат и пововозрасни. Јас во моите книги секогаш се стремам да пренесам поуки, па не гледам зошто би ја ограничувала публиката на одредена публика” изјави таа.

Нејзиниот роман е навидум љубовен роман, во кој се вплеткуваат приказните за Миа и Милан како пријатели и за Ксенија како девојка на Милан. Освен случувањата околу овие две релации – пријателската меѓу Милан и Миа, и љубовната меѓу Ксенија и Милан, низ романот се отсликува и хобито на главната хероина како млада писателка.

Според неа, неизвесно е што ќе се случува со културните настани во време на пандемија, но како што вели, треба да продолжат ако има простор да се почитуваат мерките за заштита.

„Останува да видиме како ќе се одвиваат тие во периодот што следува. Точно е дека е време на пандемија, но културата може да трпи кратко, би било навистина штета да се избегнува одржување на настани ако е возможно тие да се реализираат согласно одредени протоколи”, прокоментира Димитров.

Зборувајќи за содржината на книгата и начинот на пишување на писателката, Цветанка Колева како рецензентка потенцираше дека кај Димитров е забележлив напредокот во пишувањето и дека нејзиното дело носи трендовска проза, или проза на модерното време која на младата публика и се допаѓа и ја привлекува.

Промоцијата беше дел од шестото издание на фестивалот на европската литература „BookStar“, поддржан од издавачката куќа Антолог. Настаните продолжуваат во среда, на 7 октомври, кога ќе се одржи разговор со шведската авторка Софија Лундберј.

Александра Субашиќ