Промовирана нова мобилна апликација за поголема информираност на младите

Mобилна апликација за генерирање на младински информации преку која младите луѓе ќе можат да дојдат до информации кои се однесуваат на образование, стипендии, обуки, вработување и претприемачки вештини, е победник на натпреварот во рамки на Националната кампања „Информирај се сега!“ на Коалицијата за младински организации СЕГА, а во соработка со Агенцијата за млади и спорт и Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство – ФИНКИ.

Веб страницата mladi.ams.mk е промовирана во 2015 година, а отсега има и мобилна апликација. Целта на страницата е да понуди квалитетни и нови информации за младите луѓе во државата.

„Најдоброто решение ќе биде наградено со 500 евра парична награда од АМС и е дел од приоритетните области на националната стратегија за млади“, изјави Зорица Стаменковска од Агенција за млади и спорт.

Според Зоран Илиески од Коалицијата СЕГА, за прв пат во Македонија ќе се генерира мобилна апликација за сите паметни телефони преку која младите луѓе ќе имаат можност брзо, едноставно и навремено да ги добиваат сите информации кои се од нивни интерес.

Сите тимови својата мобила апликација ја презентираа пред комисија од пет лица, која изврши нивна оценка според претходно утврдени технички критериуми.