Промовирана нацрт-стратегија за стручно образование и обука 2013-2020

Промовирана нацрт-стратегија за стручно образование и обука 2013-2020Попривлечно стручно образование, кое ќе промовира деловна успешност, конкурентност и иновации, понуда на разновидни и флексибилни можности за учење на младите и возрасните, со кои ќе стекнат вештини за кариерен развој и претприемачки дух, и зголемување на социјалната вклученост, вработливоста и мобилноста. Тоа се главни цели на Нацрт националната стратегија за стручно образование и обука во контекст на доживотно учење 2013-2020, пренесува МИА.

Документот кој беше промовиран на јавна расправа е креиран од домашни и меѓународни експерти, преку анализа на мислењата на ученици, работодавци, локална самоуправа, стручни и државни инстутуции, невладин сектор. Произлезе од соработката помеѓу Министерството за образование и наука и Европската тренинг фондација (ЕТФ) од Торино, која и ја финансира нацрт-стратегијата.

Зоран Велковски од Филозофскиот факултет рече дека се работи за сериозен документ кој треба да го подобри стручното образование и обука во Македонија што, пак, ќе го реши проблемот на долгорочната невработеност и големиот број лица без квалификации (41,67 отсто) и лица со застарени квалификации.

„Проблематично во функционирањето на системот на стручно образование и обука кај нас е атрактивноста, релевантноста на наставните планови и програми, оспособеноста на младите и возрасните да се пласираат на пазарот на труд, системите на оценување, следење и мониторирање на процесот, осигурување на квалитетот, управувањето. Сите клучни точки кои бараат подобрување и осовременување се составен дел на стратегијата, како и неформалниот систем на стручно образование, кој предвидува зголемување на капацитетите на институциите за реализација на програмите од постсредно стручно образование, обуки за вештини и квалификации, решение за 41 процент од населението кое е без квалификации, што е сериозен проблем за државата, изјави Велковски.

Министерот за образование и наука Панче Кралев истакна дека документот е значаен зашто компаниите бараат стручност и квалитет на кадарот што излегува од средните стручни училишта, пренесе агенцијата МИА.

„Со донесувањето и понатаму со спроведувањето на стратегијата ќе овозможиме квалитетно средно стручно образование кое, пред се, ќе биде актрактивно за учениците, но исто така ќе овозможи да се добива кадар според потребите на бизнис-секторот. На крајот, ќе овозможиме и поконкурентна економија“, рече Кралев.