Промовирана апликацијата за мобилни телефони „Патувај зелено“

„Патувај зелено“ е најновата мобилна апликација која треба да ми овозможи на скопјани и посетителите на главниот град најбрзо, најевтино и најеколошки да стигнат до саканата дестинација.

Промовирана апликацијата за мобилни телефони „Патувај зелено“

Мобилната апликација „Патувај зелено“ е иновативна и напредна апликација, која користејќи го Google Transit, дел од Google Maps, им овозможува на корисниците да ги планираат патувањата во градот со јавниот транспорт. Апликацијата им дава насоки на корисниците за најблиските автобуски станици и најпогодните линии.  „Патувај зелено“ е бесплатна, а може да се преземе преку Google Play Store. Таа е плод на соработка помеѓу град Скопје, Програмата за развој на ОН и Факултетот за информатички науки и компјутерски инженеринг (ФИНКИ).

„Апликацијата е одличен спој меѓу модерната технологија и транспортниот систем. Оваа корисна интерактивна апликација овозможува граѓаните да бидат подобро информирани кога избираат начин и средство за патување. Од друга страна, истата лесно би можела да се реплицира и во другите градови низ Македонија. Овој проект овозможи нашите студенти да се вклучат во практична работа и да осознаат нови вештини. Проектот беше избран како еден од 7-те најдобри проекти на глобалниот натпревар за иновации на Обединетите нации, кој имаше за цел да ги прикаже можностите за користење големи податочни бази во борбата против климатските промени“, истакна деканот на ФИНКИ, Димитар Трајанов.

„ Андроид апликацијата веб-страницата ‘Патувај зелено’ или ‘Skopje Green Route’ претставува уште еден значаен чекор кон создавањето одржлив транспортен систем во градот“, посочи градоначалникот на град Скопје, Коце Трајановски.

Претходници на најновата апликација која го олеснува планирањето на транспортирање низ главниот град се  „ЈСП возен ред“, „Автобуси Скопје“ и „Автобуско“. Првите две на корисниците им ги даваат термините и возните редови на автобусите на ЈСП Скопје, а втората преку локацијата од GPS уредот треба да му покаже на корисникот кој е следниот автобус што ќе застане на станицата на која тој се наоѓа. Корисниците на овие апликации сепак знаат да се пожалр дека тие не се секогаш функционални.

С.Т.