Промовиран романот „Ѕиркачот“ на Александар Прокопиев во Словенија

Во вилата „Златица“ во Љубљана, Словенија на 15 јуни беше промовиран романот „Шпегавец“, словенечки превод на романот „Ѕиркачот“ на Александар Прокопиев.

„Во полниот салон во вилата, додека надвор паѓаше дожд, романот го претставија и за него разговараа професорката Намита Субиото, преведувачот на делото Роберт Суша и авторот Прокопиев, со помош на Соња Цекова – Стојановска што консекутивно ги пренесуваше интересните дијалози во взаемна жива комуникација со публиката, што продолжи по промоцијата, откако дождот престана, во градината на вилата“, соопштија од „Прозарт медиа“.

Неколку дена пред промоцијата, на третата програма „Арс“ на Радио Словенија било емитирано долго интервју со Прокопиев што го водел младиот критичар Сашо Пуљаревиќ, што подоцна во печатена форма било поставено во информативниот портал на РТВ Словенија, посочуваат од „Прозарт медиа“.

„За мене и овој книжевен престој во Словенија беше извонредно организиран, облагодарен со човечката топлина на промоторите и организаторите што долго ќе ме грее и храбри“, изјави писателот Александар Прокопиев.

фото: „Прозарт медиа“