Промовиран прирачник „Пописот како новинарска тема“: Пописот е статистичка, а не политичка акција

Со цел е да помогне во едуцирано, општествено-одговорно пишување за пописот и неговата улога во унапредување на квалитетот на живот на граѓаните, денес беше промовиран прирачник за новинари „Пописот како новинарска тема“.

Во прирачникот стои дека пописот е статистичка, а не политичка акција. Меѓу другото, пишува дека покрај тоа што нашето општество има низа сериозни демографски проблеми како на пример намалување на стапките на наталитет и природен прираст, демографско стареење, одлив на младо работоспособно население, поларизирање на просторната разместеност, раселување на дел од селските населби итн., медиумите пишуваат само за етничкиот момент и проблемите околу тоа, објави МИА.

Авторoт на прирачникот и редовен професор на Правен факултет „Јустинијан Први“ при УКИМ, Јасна Бачовска Недиќ нагласи дека ние сме една од ретките држави што 18 години нема спроведено попис.

„Поразително е тоа што една ваква голема работа во општеството и државата, нечујно поминува. Пописот беше закажан за април 2020 година, но повторно се одложи и тоа откажување не беше соодветно проследено од страна на медиумите и новинарите“, рече Бачовска Недиќ.

Според неа, целта е да се направиме „врева“ во јавното мнение преку новинарите за значењето на оваа акција и оваа статистичка акција да не се претвора во политичко случување, како што има тенденција во нашето општество.

„Прирачникот е наменет за новинарите, со цел да им ги потенцира сите оние други страни на пописот, освен онаа политичка димензија која е најмногу акцентирана во нашата земја, бидејќи кај нас пописот се политизира, а со тоа се дава неговото значење за пребројување на двете големи заедници – албанската заедница и македонската. Значи целта на пописот не е тоа, пописот има и многу други димензии, кои се многу значајни за бизнис заедницата, за креирање на политиките на ниво на Влада, за граѓаните, за науката, а ние немаме попис од 2002 година“, рече Бачовска Недиќ.

Прирачникот е изработен во соработка со Македонската платформа против сиромаштија и со поддршка на Фондот на население при ОН со канцеларија во Скопје.