Промовиран Фондот за иновации и технолошки развој

Денеска се одржа првиот промотивен настан на Фондот за иновации и технолошки развој на тема: „Можности за финансирање на иновативни проекти на старт-ап и спин-оф компании“.

На настанот беа презентирани условите од првиот отворен повик на Фондот, наменет за „старт-ап“ и „спин-оф“ компании. Директорка на Фондот за иновации и технолошки развој, Јасмина Поповска изјави дека повикот е отворен за микро, мали и средни претпријатија со иновативни проекти. Покрај иновативноста, критериумите за избор на проектите се и пазарниот потенцијал, капацитетот на менаџерскиот тим, соодветност на предвидените трошоци, како и целокупниот квалитет на проектот.

Свое излагање имаа претставници од Фондот за иновациска дејност на Србија кои ги претставија своите искуства во финансиската поддршка на иновациите. Наталија Сандиќ од Фондот посочи дека од 2011 се поддржани 53 проекти и се задоволни од воспоставената соработка и проектните резултати до сега. Присутните имаа можност да слушнат успешни приказни на српски иноватори и претприемачи кои со помош на државно финансирање успеале да ги развијат своите иновативни идеи.

„Со помош на финансирањето на Фондот успеавме да ја развиеме нашата идеја во бизнис кој веќе остварува приходи и се позиционира на меѓународниот пазар“, изјави Иван Глихоријевиќ, ко-основач на претпријатието mBrainTrain од Белград. Марјан Благојевиќ беше претставник на претпријатието Sentronis, кое е пример на успешно „спин-оф“ претпријатие. Според нивното искуство, освен силната научна основа, за успешна трансформација на еден изум во производ, потребна е соработка меѓу различните сектори и тим со различни вештини и компетенции.

На настанот имаше излагање и д-р Петар Моѓуроши, експерт во областа на управување со иновации, соработка меѓу индустријата и истражувачката дејност, како и трансфер на технологии. Тој одржа сесија за успешна комерцијализација на иновации.

Говорниците им порачаа на потенцијалните апликанти да посветат време на изработката на квалитетни предлог-проекти и да ја искористат можноста со помош на финансиската поддршка од Фондот за да ги развијат своите иновативни идеи во успешни бизниси.

За повикот се обезбедени средства во износ од 600.000 евра и рокот за поднесување апликации е 18 април 2015 год. Повеќе информации може да се најдат на www.fitr.mk.