Промовиран документарно-репортажниот филм: „Каде се младите во Тетово“

Вчера во просториите на Младински образовен форум Тетово се одржа финалниот настан – промоција на документарно-репортажниот филм: „Каде се младите во Тетово“. Филмот е производ од двомесечните работилници, на кои членовите на Медиа/Арт клубот работеа на модулот документарен филм. Настанот го отвори средношколката Сашка Димитриевска, долгогодишен член на Медиа/Арт клубот на МОФ и координатор на настанот. Таа во својот говор ги повика присутните гости да го погледнат филмот и со свои размислувања да учествуваат во дискусијата по завршувањето на филмот.

Целта на фимот е подигање на свеста на младите за стандардите кои се важни за нивниот живот и за проблемите кои ги засегаат младите во Тетово. Во филмот се обработуваат теми поврзани со недостаток од културен живот на младите во градот, неквалитетен ноќен живот, немање на соодветни услови за спорт и рекреација. Модератор на настанот беше професорката Наташа Петровска.

Промовиран документарно-репортажниот филм: „Каде се младите во Тетово“

 

По завршувањето на проекцијата на филмот следеше плодна дискусија со гостите. Петровска во своето излагање рече дека пред 20-на години состојбата на младите во Тетово била многу подобра, за разлика од сега. Според неа тогаш младите имале голем број на секции, активности во училиштата, културни настани, спортски настани, за разлика од сега кога сликата е поинаква. Таа напомена дека во Тетово младите немаат каде и како квалитетно да го поминат слободното време и тоа најчесто се сведува на седење во кафулиња, без соодветно да се исполни денот.

Наим Иљази од невладината „Јосиф Багери“ рече дека младите во Тетово се хендикепирани кога е во прашање културата, спортот, забавата. Фотографот и новинар Зоран Андонов истакна дека дел и за лошите состојби се виновни и самите млади. Тој напомена дека на театарските претстави, концерти кои се помалку ги има, посетеноста е мала. Според него проблемот не е дека нема доволно културни, спортски, забавни настани, туку дали и колку младите се заинтересирани за истите да ги посетуваат.

Промовиран документарно-репортажниот филм: „Каде се младите во Тетово?“

И спортистот Дејан Милосавлевски го искажа своето искуство. Тој вели дека младите во Тетово немаат соодветни услови за спорт.  Нема спортски сали каде што младите би можеле да се рекреираат, а спортскиот центар е во многу лоша состојба. Милосавлевски ги повика надлежните да превземат мерки за подобрување на положбата на младите во градот.

На настанот присуствуваа средношколци, студенти, млади лица, претставници на медиуми, невладини организации, подмладоци на политички партии, професори и други заинтересирани граѓани од Тетово.