Промоција на втората книга поезија од Ѓоко Здравески во МКЦ

Младиот писател Ѓоко Здравески, во понеделник (10 март) во холот на МКЦ ќе ја промовира својата втора книга поезија „Куќичка за птици-преселници“. Книгата е издание на „Антолог“ од Скопје, а истата издавачка куќа ја објави и претходна поетска збирка „Палиндром со две н“ (2010).

Промоција на втората книга поезија од Ѓоко Здравески во МКЦ

За „Куќичка за птици-преселници“ Катица Ќулафкова ќе запише:

„Ако просторот е алвеола набиена со време, во коe се збиднуваат различните животни собитија, тогаш поезијата е алвеола набиена со слики, метафори и метонимии, чувства, со мисли, со зборови што се претвораат во меѓници на бесконот. Не можејќи ништо против времето, човекот се решил да му се одмаздува на просторот. Го исцртува, гo мапира, издигнува бедеми, граници, потем ги премостува, преминува, се преселува, патува. Патуваат и мислите од својот извор во душата на поетот до конечното закотвување на страниците хартија. А таму создаваат светови, мимезиси на стварноста или утопии што (ние) ги посакуваме, да постојат. Таму, на страниците хартија, помеѓу контрастот на белата позадина и испишаните црни букви, се вдомува дел од поетовата душа, додека самиот поет како преселник продолжува да го бара својот Дом, како река што ита кон својата утока во морето, како атман, кој нестрпливо чека да завршат сите негови реинкарнации за да може да се обедини со бескрајот“.

Ѓоко Здравески е роден во 1985 во Скопје. Покрај поезија тој пишува кратки раскази и есеи. Промоцијата на книгата во МКЦ е закажана во 20.30 часот.