Промоција на Програмата за самозастапување на лица со интелектуална попреченост

Утре (13 март) ќе се одржи промоција на Програма за самозастапување на лица со интелектуална попреченост во организација на Здружението за поддршка на лица со посебни потреби „Солем“ од Скопје, кое четири години работи со возрасни лица со интелектуална попреченост. Почетокот на настанот е закажан во 13 часот, во хотелот „Порта“ во Скопје.

Промоција на Програмата за самозастапување на лица со интелектуална попреченост   „Се увиде дека голем број од лицата со интелектуална попреченост имаат потешкотија да го искажат своето мислење на глас или да дадат свој предлог. Секој човек носи одлуки врз основа на информациите со кои поседува во даден момент. Без разлика дали одлуката која ја донел се покажала дека  била добра или лоша, НИЕ САМИТЕ сме ја донеле или самите сме одбрале личност која би ни помогнала при одлучувањето. Зарем не ја заслужуваме сите истата шанса?“, прашуваат од здружението „Солем“.

На настанот самозастапниците (возрасни лица со интелектуална попреченост) ќе имаат можност јавно да ја претстават работата која ја правеле до сега и да ги најават активностите со кои ќе продолжат во 2014 година.

„Самозастапување значи да зборувам сама за себе, да се борам за подобар живот. Тука зборуваме за најразлични теми, како дискриминација, насилство“,  вели Анабела Мередиева, самозастапник.

„Учиме за нашите права и правото на глас. Многу ми се допаѓа што тоа што секоја одлука на работилниците за самозастапување ја носиме заеднички, со гласање“, додава и Младен Велков, самозастапник.

Од Здружението „Солем“ посочуваат дека не сакаат да влијаат на одлуките кои посетителите на работилниците за самозастапување ќе ги донесат, туку да ги охрабрат поактивно да учествуваат при носењето одлуки кои се однесуваат на нив и погласно да го искажат своето мислење кога не се согласуваат со нешто.