Промоција на книгата „Русија на Путин: Записи од опачината на светот“

Промоција на книгата „Русија на Путин: Записи од опачината на светот“Во Клубот на новинарите во Скопје, среда (27 ноември) ќе биде промовирана книгата „Русија на Путин: Записи од опачината на светот“, на новинарот Борис Камчев.

На промоцијата ќе се обратат Зоран Бојаровски, уредник во Алфа телевизија, Мирче Адамчевски, сопственик на порталот Порта и поранешен дописник на Нова Македонија од Москва и издавачот Никола Гелевски, како и авторот Борис Камчев.

Во својот документарен роман „Русија на Путин: Записи од опачината на светот,” авторот дава сопствен независен поглед на состојбите во Русија, земја со сложено минато и со уште посложена сегашност, коишто создадоа монолитна власт со изразено авторитарни тенденции. Во него се посочува и дека со поизразеното економско и политичко влијание на Русија во регионот, Македонија се подели на русофили и русофоби и во јавноста се почесто се дискутира дали е добро или лошо прифаќањето на руското влијание во земјата.

„На моите пријатели од Македонија: доколку се’ што сакате да знаете за Русија го добивате преку „Руска реч” и тоа ви е доволно, тогаш не се трудете – оваа книга не е за вас,”порачува Стефан Бојаровски, студент на постдипломски студии од Санкт Петербург.

Борис Камчев е новинар и публицист кој пишува за повеќе домашни и странски медиуми. Последните години живее и патува на релацијата Скопје-Санкт Петербург-Вашингтон. Како речиси единствен македонски дописник од Русија, неговото творештво е посветено на теми поврзани со руската социјална и политичка стварност.

Дипломирал на Филозофскиот факултет во Скопје и специјализирал на школата за новинарство на универзитетот Мисури, Колумбија, во 2010. Во моментов работи како постојан соработник во американската издавачка куќа ЛНГ Публисхинг Цо. Во македонската јавност е познат по своите новинарски статии и колумни објавувани во неделниците Форум и Капитал, и во весниците Нова Македонија и Дневник.

Промоцијата на книгата е закажана во 12 часот.